ТС Битола 1 – ТС Прилеп 1 – 110 kV далекувод ,,Мепсо“ го пушти во пробна работа
АД МЕПСО – Скопје ја известува стручната јавност дека реконструираниот 110 kV далекувод бр. 109 на релација ТС Битола 1 – ТС Прилеп 1 е успешно пуштен под напон и ставен во пробна работа.
Реконструкцијата е извршена на постојната траса на далеководот, при што постојниот 110 kV далекувод со армирано-бетонски столбови, изграден пред повеќе од 50 години, е целосно демонтиран и заменет со нов далекувод со челично-решеткасти столбови. Новоизградениот далекувод има вкупна должина од 33,5 km и е составен од 125 челични столбови.
Во рамки на проектот е извршена целосна замена и монтажа на нова проводна и изолациона опрема, вклучително фазни проводници, заштитно јаже, изолатори и придружна опрема, со што е обезбеден зголемен преносен капацитет на далекуводот и подобрени електрични и механички карактеристики во однос на претходната состојба. Зголемениот преносен капацитет придонесува за подобрување на сигурноста, стабилноста и оперативната флексибилност на електропреносната мрежа во регионот.
Проектот е реализиран во рамки на Lot 1 – „Реконструкција на 110 kV далекувод ТС Битола 1 – ТС Прилеп 1“, финансиран преку заем од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).
Градежните, електромонтажните и електроенергетските работи се изведуваа во периодот од 2023 до 2025 година. Изведувач на работите беше конзорциумот предводен од JV CA Dalekovod – Загреб, кој ги реализираше активностите согласно договорните услови и важечките технички стандарди.
По завршувањето на работите беа спроведени сите предвидени технички испитувања и проверки, по што далекуводот е пуштен под напон и ставен во пробна работа.
Со реализацијата на овој проект, АД МЕПСО продолжува со системска модернизација и зајакнување на електропреносната инфраструктура, со цел зголемување на сигурноста во снабдувањето со електрична енергија и унапредување на стабилноста и капацитетот на преносната мрежа.
