Прво па Женско – Жената низ призмата на палеолитската уметност

Автор за Конзули.мк: Бојана Тошевска, ликовен уметник и член на Друштвото на ликовни уметници на Битола.

Претставата на жената низ призмата на палеолитската уметност нуди фасцинантен увид во најраните изрази на човечката креативност и општествените вредности. Овој период, познат како камено време, ја означува зората на човечката цивилизација, од првите камени алатки создадени пред околу 2,5 милиони години, сè до појавата на земјоделството околу 12.000 години п.н.е. Тој е клучен за разбирање на развојот на човековите културни и духовни вредности, каде уметноста не била само креативен израз, туку и средство за комуникација на длабоките културни основи и духовни идеи на раните човечки заедници.

Палеолитската уметност истражува различни аспекти на животот преку гравури и цртежи на пештерски ѕидови и карпи, прикажувајќи разновидност на животни и понекогаш човечки фигури. Оваа уметност го одразува длабокото познавање на древните луѓе за нивната околина и способноста да ги запишат и пренесат своите знаења, верувања и емотивни искуства преку уметноста.

Во срцето на палеолитската уметност лежи една од најфасцинантните теми на древното човечко изразување – претставата на жената. Која ја открива богатата емотивност и софистицираност на нашите предци. Претставата на жената, од мистичните Венери до различни уметнички форми, ја истражуваат нејзината важност и поврзаност со природата и животните циклуси, поставувајќи ја женската фигура како централен симбол во палеолитското општество.

Иако женските фигури често се прикажани во палеолитската уметност, ограничувањето на нивните прикази во активности како што се секојдневието или ловот укажува на потребата за критичко преиспитување на постоечките патријархални интерпретации. Таквите традиционални толкувања често ги занемаруваат или минимизираат женските придонеси и независност, наметнувајќи ја претставата за жените како пасивни посматрачи, а не како активни учесници во нивните заедници. Истакнувањето на оваа неточна перцепција е критично, бидејќи не само што е неправилна, туку и продолжува да ги зајакнува патријархалните наративи кои го намалуваат влијанието и достигнувањата на жените.

Минијатурните статуети на жени, наречени Венери, кои се изработени од материјали како слонова коска, мек камен или кварцит, се едни од најраните уметнички дела што ја олицетворуваат женската фигура, иако често се толкуваат како симболи на плодност и мајчинство, исто така се гледаат како свидетелства за комплексната улога на

жената во древните општества. Тие не само што ја олицетворуваат физичката способност за создавање на живот, туку и нејзината централна улога во социјалната структура и духовните практики.

Меѓу најпознатите примери на овие статуети е Вилендорфска венера, која со својата вековна убавина и мистериозност продолжува да ги фасцинира научниците и уметничките љубители низ светот. Откриена во 1908 година  во близина на Вилендорф, Австрија, оваа статуетка датира од пред околу 25.000 до 30.000 години п.н.е и претставува еден од најраните примери на палеолитската скулптура. Оваа мала статуетка, висока само околу 11 сантиметри, е изработена од варовник и покриена со црвен окер, што ѝ дава изразита боја. Нејзиното откритие предизвикало значително внимание и дебата меѓу археолозите и историчарите на уметноста за нејзиното значење и употреба. Статуетката прикажува женска фигура со силно преувеличени полови карактеристики, вклучително и големи гради, широки бедра и голем стомак, што обично се толкува како симбол на плодност и мајчинство. Лицето на фигурата не е детално изработено, и наместо тоа, главата е покриена со плетенка или можеби вид на капа, што додава уште еден слој на мистерија околу нејзината намена и значење. Вилендорфска венера е интерпретирана на многу начини, вклучително како симбол на обожавање, израз на плодност, или дури и како претстава на нејзините современички жени. Со нејзината изработка, Вилендорфска венера претставува венец на уметничкото создавање на древните луѓе, илустрирајќи ја важноста на женската фигура не само во материјалниот, туку и во духовниот свет на палеолитските општества.

Палеолитската уметност и нејзините истражувања отвораат значаен прозорец кон разбирањето на комплексните динамики на раните човечки општества. Со прифаќање на предизвиците што ги поставуваат традиционалните интерпретации и интегрирање на критички и инклузивни пристапи, можеме подлабоко да ја вреднуваме и разбереме улогата на жената во овие древни епохи, осветлувајќи го нејзиниот придонес и значење во изградбата на нашата колективна историја и култура.

Фотографија: Wikipedia

14.02.2024 Битола