По 17 години купот се враќа во Битола

Завршниот турнир во кошаркарскиот Куп на Македонија наречен „Благоја Георгиевски – Буштур“ годинава ќе се одржи во Битола. За трофејот ќе се борат најдобрите осум екипи на табелата во Првата лига по првиот круг односно по 11-те одиграни кола.

Турнирот ќе го организаира кошаркарскиот клуб Пелистер и ќе се одржи од 15-ти до 17-ти февруари во салата „Боро Чурлевски“ во Битола. Градот на конзулите по втор пат во историјата ќе биде домаќин на Купот, а првиот пат беше уште во 2007 година.

Во четвртфиналето ќе се соочат МЗТ против Гостивар, домаќинот Пелистер за ривал го има Феникс, потоа Еуро Никел ќе игра со Чаир, а Работнички го чека средба со ТФТ.

Актуелен бранител на трофејот е тимот на МЗТ Скопје, кој воедно е и најуспешниот тим во ова натпреварување со 11 трофеи.

Македонската кошаркарска федерација ќе биде организатор на финалниот турнир во женска конкуренција, а терминот и местото на одигрувањето ќе бидат дополнително објавени.