МАЛОТО КНИЖЕВНО ДЕТСКО БОГАТСТВО – „Бајки за добра ноќ“

Како и секоја година и оваа година го одбележуваме 2-ри април Светскиот ден на детската литература, во чест на роденденот на Данскиот писател за деца Ханс Кристијан Андерсен. За таа цел здружението за наука култура и литература „Златно Перо“- Битола организира Републички литературен фестивал „Мали Ѕвездички 2025“.Учество зедоа 93 ученика од сите основни школи на сите градови на Македонија, а сите со иста цел да градат стихови во разбојот на уметноста, полни со емоции и чувства.Уште од најрана возраст на децата треба да ѝм се читаат приказни и сказни кои ќе влијаат стимулативно врз нивната креативност. Децата кои читаат книги имаат поголема самодоверба, комуникациски вештини , креативност кои се важен фактор во нивниот индивидуален напредок. Од пристигнатите творби стручната жири- комисија ги избра најквалитетните и се формира овој поетски бисер,мало книжевно богатство „Бајки за добра ноќ“.

Љубовта кон пишаниот збор овие „мали амбасадори“ на песната ја негуваат уште од мали нозе, редејќи стихови како скапоцени бисери.

Кога ја прочитате оваа мала читанка ќе откриете многу инспиративни моменти од бајковитиот свет на децата како резултат на нивните креативни потенцијали.

Јас верувам во нивните стихови кои ќе те одведат во минатото во годините на детството поминато низ игра, песна и смеа.

Секоја песна носи нова порака, ново видување на овој поетски бисер.

Вратете се во минатото , во детството преку овие стихови полни со раскош и убавина.

„Кога сме жедни, пиеме од белите води на бунарот на нашето слатко и тажно детство.“ – Георг Тракл.

Во оваа поетска плетенка ќе откриете една големина на можности кои ги поседуваат децата. Спектар на убави фантастични бои преку силината на пишаниот збор каде светот е обоен.

Нивната кревка и наивна душа предизвикува живописни спомени. Многумина од возрасните сакаат да прочитаат детска литература во која е исткаено чувството на радост и среќа и сето тоа искажано со моќна љубопитност. Во страниците на ова мало книжевно дело брилираат стихови со живописни спомени од игривото перо на малите амбасадори на песната. Песни со поетика и поетски специфики кои ќе останат како трајни вредности во македонското поетско мочуриште. Давајќи ѝм можност да ги искажат своите креативни потенцијали преку страниците на овој поетски бисер всушност се водиме од девизата дека „Светот останува на младите“, затоа што и возрасните биле поранешни деца.

Водени од емоциите ја исплетоа оваа поетска плетенка за која не е предимензионално ако кажеме дека многумина од нив еден ден ќе станат можеби големи поети. Преку нивните стихови со разиграни зборови ја откриваме детската фантазија каде светот е убаво место за живеење и создаваат прекрасни сказни кои ќе бидат запаметени за животот, природата, татковината, блиските, со секој збор цвет распукнува како ѕвездено небо.

Колку е убаво чувството да се најдете како автор во оваа прекрaсна збирка, сонот ваш се остварува,ова е почеток на вашиот успех во полето на македонската поезија во полза на македонската кауза. Децата се најубавиот дар што го имаме,затоа да ѝм подадеме рака да ги остварат своите соништа. Ја препорачувам оваа книга секој да ја има во својата домашна библиотека, дури и возрасните за да уживаат во детските фантазии.

Учете ги децата дека се уникатни. На тој начин нема да го чувствуваат притисокот да бидат како сите други – Синди Кешман.

Со почит Олга Наумовска.