КК Пелистер vs Еуро Никел 2005 во Петок од 18 часот

Спортска сала ,,Боро Чурлевски”, Петок 26.01.2024, 18:00

Во склоп на 15 коло од Првата Македонска Кошаркарска Лига, Пелистер овој петок го дочекува тимот на Еуро Никел од Кавадарци. Дерби натпревар, исто како и мечот помеѓу МЗТ и Работнички, со очигледни импликации за врвот на табелата. Евентуална победа ќе не зацврсти на втората позиција, и по победата над МЗТ во минатото коло ќе бидеме во одлична позиција со релативно лесен распоред до крајот на сезоната.

Во првиот натпревар оваа сезона, во трвд натпревар со малку поени, нашиот тим успеа да забележи победа на гости во Кавадарци со резултат 66:60. Очекуваме слично да биде и на оваа средба, но како и секогаш се надеваме на победа на Пелистерци за радост на публиката.

Двете екипи влегуваат на натпреварот со победи во минатото коло, Еуро Никел сигурен против Гостивар со 97:85, а како што кажавме Пелистер издвојува голема победа на најтешкото гостување во сезоната кај тимот на МЗТ Скопје Аеродром, резултатот таму беше 72:66.

Кавадарчани играат слична кошарка како нашата, цврсто и со многу скокови, па нашите центри одново ќе мора да изиграат на највисоко ниво.

Нивни најдобри поединци се Американецот Маск кој запишува по 17 поени по натпревар и Србинот Милош Врањеш со 8 скокови во просек.

Натпреварот ќе се одигра во петок со почеток од 18:00, судии ќе бидат Митровски, Бошковски и Митев, делегат Дамевски а контролор Терзовски.

Како и до сега, карти ќе можат да се набават на влезот од салата пред почетокот на натпреварот.