КК Пелистер во Лига 1 и АБА2 – За Предизвиците и Успесите

Со крајот на 2023та година, заврши и двомесечниот натпреварувачки период во две натпреварувања за нашиот тим. Од првиот натпревар против Гостивар (01.10.2023), па се до натпреварот против Работнички во Скопје (27.12.2023), Пелистер одигра точно 20 натпревари и постави скор од 11 победи и 9 порази – 9:4 во Прва Македонска Лига и 2:5 во АБА2. Овие резултати засега се доволни за делба на трето место во Македонската Лига и 11та позиција во АБА2 лигата.

Почетокот на сезоната за Пелистерци всушност започна уште во летниот период со големи промени, како во управата така и во играчкиот кадар. Во средината од месец Август, во Пелистер дојде нов генерален спонзор, компанијата Taskforce од Битола, a Филип Ивановски го замени Ѓорги Анакиевски на позицијата спортски директор. Беше донесен и нов тренер во името на Дарко Радуловиќ, откако Марјан Илиевски мораше да се повлече од приватни причини.

Играчкиот кадар исто така претрпе сериозни промени, капитенот Маслинко беше меѓу ретките што ја продолжија соработката со Пелистер, а беа доведени Бернард, Костовски, Хот, Лука Стојановски, Магдевски, а подоцна и играчот кој објективно најдобро се покажа во досегашниот дел од сезоната, Јуре Планиниќ. Неколку Американски интернационалци кои исто така настапуваа на почетокот, набрзо беа ослободени од обврски. Последен тимот го напушти Малколм Бернард.

Сезоната за Пелистер започна со пораз на гостувањето кај Гостивар, во период кога тимот сеуште се градеше и ростерот не беше до крај прецизиран. Потоа следеше уште еден мининален пораз дома од Работнички, но веќе се гледаше подобрување во играта и уиграност меѓу новите кошаркари. Веќе во третото коло започна победничката серија со убедлив триумф против големиот фаворит за освојување на титулата, тимот на МЗТ Скопје, на кој до овој момент ова им е единствен пораз во првенството.

Следуваа убедливи победи и против Еуро Никел, Охрид, Феникс и ТФТ Моцарт, што му овозможи на нашиот тим искачување на табелата се’ до второто место. 

Пораз забележавме во Скопје кај Чаир во осмото коло, па  потоа две највисоки победи оваа сезона – 116:74 дома против Вардар и 112:85 на гостувањето кај Навико Академија. Кожув беше поразен за трета победа по ред во 11то коло а веднаш потоа и реванш против Гостивар. Сепак овај натпревар покажа одредени слабости кои заедно со отстуствата поради повреди доведија до порази во АБА2 лигата и против Работнички во последното коло

Индивидуалната статистика на сите што настапиле во зелено-белиот дрес во националното првенство изгледа вака:

Јуре Планиниќ се покажа како најдобро засилување и заедно со капитентот Маслинко се одличен тандем под кошевите. Младиот Амар Хот исто така покажува одличен квалитет и севкупно тимот има основа за градење на силен тим во наредните сезони.

За разлика од домашното првенство, во АБА2 лигата Пелистер засега не ги задоволува очекувањата и со скор од 2 победи и 5 порази се наоѓа на делбата на 11та позиција, заедно со Хелиос Домжале, каде што Бернард ќе ја продолжи кариерата. 

Победи забележавме против Шенчур и ТФТ, а порази забележавме против МЗТ, Војводина, Широки Брег, Златибор и Цедевита Јуниор.

Веруваме дека со консолидирање на формата и подобра уиграност, Пелистер има квалитет за борба за плејоф за влез во најелитното АБА натпреварување.

Целта во домашното првенство и понатаму останува борбата за титулата, поготово откако минатата сезона ја завршивме како вицешампиони. Свесни сме дека борбата ќе биде тешка и има неколку сериозни тимови покрај бранителот на титулата МЗТ, но со сериозна посветеност и поддршка од навивачите одиме на освојување на титулата!