„ГРОМ“ слави 45 години со голем концерт под ѕвездите на Хераклеја
Со голема чест и неизмерна возбуда, го најавуваме јубилејниот концерт на еден од најзначајните бендови во историјата на македонската музичка сцена – легендарната група „ГРОМ“, која годинава одбележува впечатливи 45 години постоење.
Во рамките на Бит Фест 2025, на 2 јули (среда), со почеток од 21:00 часот, под ѕвезденото небо на магичната Хераклеја Линкестис, ќе се случи концерт кој ветува незаборавна вечер исполнета со емоции, енергија, сеќавања и безвременски хитови. Овој спектакл не само што е музичка ретроспектива, туку е и голема прослава на една автентична приказна – приказната на „ГРОМ“, која е вткаена во душата на Битола, Македонија и сите оние кои со нивните песни ги преживеале младоста, љубовите и животот.
Јубилејната вечер ќе ја збогати и специјалниот гостин од Хрватска – Ален Славица, миленик на публиката и автор на многу балкански евергрини. Со своето присуство и настап, Славица ќе донесе дополнителна доза емоција и регионална поврзаност, правејќи го овој концерт уште повеличествен.
Билетите се веќе во продажба, по цена од 300 денари, и можат да се набават на следните продажни места: MKTickets, Камарите, Литература и Tobaco Brothers (Широк Сокак, Битола). Бројот на места е ограничен. Како медиумски покровители на овој голем музички јубилеј се: тегионалната ТВ Тера, музичкиот портал Музика24.мк и Радио 106 Битола.
Со задоволство ве повикуваме да бидете дел од концерт кој ќе нè потсети на најдобрите времиња и ќе нè исполни со нова енергија. Да ја прославиме музиката, животот и заедништвото – затоа што некои бендови не стареат, туку се претвораат во легенда.
