(Фото) Уште една победа на КК Пелистер против Феникс
КК Пелистер 71:67 Феникс 2010
(10:22, 21:15, 23:15, 17:15)
Уште еден многу интересен натпревар имаа шанса да проследат околу 1500 Битолчани во спортската сала ,,Боро Чурлевски” кој предмалку заврши со значајна победа на нашиот тим со резултат 71:67.
Натпревар кој во многу нешта наликуваше на оној против Сутјеска пред една недела во АБА2 лигата, но се една многу битна разлика, а тоа е што овој пат Пелистер успеа да издвојува победа. Како и на тој меч, Пелистер започна исклучително лошо, па иако Маслинко прв го отвори резултатот преку положување во првата минута, веќе во четвртата беше 12:2 за гостите од Скопје. До крајот на четвртината предноста само растеше, се редеа промашени шутеви за 2 и 3 и четвртината заврши со резултат 22:10 за Феникс. И втората четвртина започна во ист стил, со промашени шутеви и грешки во напад на Планиниќ и Магдевски, но од околу 15тата минута на натпреварот, Радуловиќ успеа да ја пронајде правата петорка на паркетот и Пелистерци полека почнаа да ја намалуваат предноста на Скопјани. На полувреме се замина со резултат 37:31 за Феникс. Иако на 20тина секунди пред крајот изнесуваше само 3 поени, сепак Трајковски успеа да погоди тројка пред самиот крај.
Без разлика на тоа, Пелистер веќе ја имаше пронајдено својата форма, и прашање на време беше кога ќе дојди до израмнување на резултатот, и тоа се случи во 26тата минута, кога Јуре Планиниќ со тројка успеа да го израмни резултатот на 45:45, и веќе во следниот напад Костоски погоди две слободни фрлања за прво водство на нашиот тим. Од тој момент Битолчани беа сведоци на крајно интересен и возбудлив натпревар во кој Феникс на неколку пати успеваше да израмни, но не и да го врати водството. Пелистер во текот на последната четвртина воглавно одржуваше разлика од еден до два поседи и успеа рутински да го приведе до крај, за многу важна победа од 71:67.
И на овој натпревар мора да се пофали борбеноста на нашиот тим, посебно на нашите центри кој и покрај промашувањата успеваа со офанзивни скокови да обезбедуваат повторни обиди, па тоа надополнето со големиот број на грешки што и Феникс го правеше на натпреварот доведе до значајна победа на Пелистерци.
Проблемите што сами си ги наметнавме со периоди на слаба игра можеа да не чинат пораз како и на натпреварот против Сутјеска, за среќа не дојде до тоа, но сепак мораме да ги лимитираме ваквите падови на концентрација или влегување на натпревар недоволно спремни, посебно на натпревари каде квалитетот на тимот во домашното првенство е очигледен.
Наши најдобри поединци беа центрите Планиниќ и Маслинко, првиот со 21 поен (3/3 за тројка) а вториот со 15 поени и 9 скокови. Кај противниците најдобар беше Американецот Jones кој го одигра буквално целиот натпревар од почеток до крај, и успеа да запише 24 поени, 4 скокови и 3 асистенции.
Со оваа победа Пелистер привремено се издвојува сам на втората позиција на табелата, и во добро расположение ќе влезе во Куп турнирот на кој ќе бидеме домаќини нареден викенд. Се надеваме на огромна поддршка за нашите кошаркари, па сите заедно да го прославиме првиот трофеј на нашиот тим!