(Фото) РЕК Битола го одбележа 28 август – Денот на рударите

Во рамки на својата долгогодишна традиција, Подружница РЕК Битола денеска свечено го одбележа 28 август, Денот на рударите. Настанот беше обележан со присуство на високи државни функционери, локални претставници и вработени, кои заедно им оддадоа почит на рударите и на нивниот значаен придонес во енергетскиот сектор на земјата.

​На прославата присуствуваа претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, како и битолските пратеници Милевски и Ангелевска. Меѓу гостите беа и членови на управниот и надзорниот одбор на АД ЕСМ, градоначалниците на Битола, Новаци и Могила, директори на јавни претпријатија, деловни соработници, научни работници и медиумски претставници.

Генералниот директор на АД ЕСМ, Лазо Узунчев, се обрати пред присутните, истакнувајќи ја клучната улога на рударите. „Повеќе од четири децении, рударите го носите товарот на македонскиот енергетски систем и целосно се вложувате во обезбедувањето на стабилно производство на електрична енергија“, рече Узунчев. Тој додаде дека заеднички се работи на стабилизирање на процесите во рудниците Суводол и Брод Гнеотино, истакнувајќи дека за тоа е потребен подолг период на консолидација. „Здраво и просперитетно ЕСМ, значи и стабилен домашен електроенергетски систем, и можност за континуиран раст на индустриското производство а со тоа и на БДП-то и економијата на државата. Сигурен сум дека заедно, успешно ќе ги пребродиме предизвиците во претстојната грејна сезона и ќе се реализира планот за производство“, заклучи Узунчев.

Министерката Божиновска, која ја додели пофалницата на рударот со најистакнат ангажман, истакна дека државата нема да дозволи злоупотреби. „Нашата обврска е и контрола и инспекции. Државата нема да дозволи злоупотреби или непочитување на правилата. За компаниите кои работат одговорно и инвестираат во безбедноста на рударите и заштита на животната средина, поддршката е целосна. Но за оние што мислат дека можат да ја игнорираат законската регулатива, јасно кажувам: времето на компромиси заврши“, нагласи Божиновска. Таа потенцираше дека инспекциите се зајакнати и казните построги, со цел секој рудар да се враќа безбеден дома.

На настанот беа доделени благодарници и пофалници на 25 рудари, меѓу кои тројца неодамна пензионирани. Признанија добија и пет пожарникари за нивниот придонес во справувањето со пожарите во Комбинатот и пошироко. Пофалени беа и пет работници од термоелектраните за нивниот придонес во остварувањето на производствениот план, кој оваа грејна сезона беше завршен со 11,6% повеќе произведена електрична енергија во однос на претходната. Посебна почит беше оддадена на осум семејства на загинати работници, на кои им беа врачени благодарници.

Пофалниците ги доделија директорите на Подружница РЕК Битола, м-р Тони Петрушевски, на Термоелектрани, м-р Никола Кузмановски, и на Рудници, Николче Талевски.

По официјалниот дел, раководството на РЕК Битола, Управниот и Надзорниот одбор, заедно со другите присутни, го посетија манастирот „Рождество на Пресвета Богородица“ во Новаци, во чест на заштитникот на рударите.