(Фото) Меѓународен кошаркарски спектакл во Битола – Над 30 екипи од 5 земји на турнирот на КК Младост
Битола ќе биде регионален центар на кошарката, над 650 учесници на 13. Меѓународен Кошаркарски Турнир во организација на КК Младост.

Од 3 до 11 мај 2025 година, градот Битола ќе биде домаќин на 13. издание на Меѓународниот Велигденски Кошаркарски Турнир, во организација на Кошаркарскиот клуб Младост – клуб со децениска традиција и посветеност кон развој на младинскиот спорт.

Овој значаен спортски настан обединува екипи и ентузијасти од Македонија, Бугарија, Србија, Грција и Албанија, со учество на деца од 4 до 16 години и ветерани над 40 години.
Во текот на двата турнирски викенда (03–04 мај за младинци, 10–11 мај за ветерани), се очекува повеќе од 650 учесници, тренери и гости да поминат низ Битола, со што настанот има и значајно културно и туристичко влијание.

КК Младост, како клуб со долга историја и активна улога во спортската едукација на младите, уште еднаш докажува дека преку спорт се гради заедништво, вредности и трајни пријателства.
Претседателот на клубот, Горјан Стојановски, истакна:
„Овој турнир не е само натпреварување, туку празник на спортот, дружењето и заедништвото. Годинава имаме над 30 екипи, и сме особено горди што Битола станува препознатлива на кошаркарската мапа на Балканот. Ви благодариме на сите клубови за довербата и учеството.“

Натпреварите ќе се играат во повеќе спортски сали низ Битола:
ОУ „Коле Канински“, Гимназија „ЈБ Тито“, СЦ „Боро Чурлевски“, Техничко училиште „Ѓорѓи Наумов“ и Медицинско училиште „Д-р Јован Калаузи“.
Отворањето на турнирот е закажано за 3 мај (сабота) во 18:00 часот, во Медицинското училиште „Д-р Јован Калаузи“.

Организацијата на турнирот не би била можно без поддршката од Општина Битолс и нашите долгогодишни пријатели и спонзори, на кои КК Младост упатува голема благодарност:
Rhino Entertainment, Млекара Здравје, BodyM, Pelisterka,Marieli, Стоматолошка ординација ПЗУ Д-р Марија Славкоска, Чудесна Земја, Nick’s.



