Конзули.мк ја пренесува убавата кошаркарска приказна – Интервју со претседателот на КК Конзули, Иван Илиоски

КОНЗУЛИ.МК: Г-дин Илиоски, како ги оценувате резултатите на КК Конзули во првата полусезона и второто место на табелата?

ИЛИОСКИ: Лично, од секој апсект сум задоволен од првата полусезона. Се работи за тим во кој имаме 40 годишни бивши баскет играчи, 22 годишни кошаркари кои играле во младински лиги, па се до играчи со прволигашко искуство. Енормна разлика во генерации, искуства и навики. Првите тренинзи, верувам дека пола екипа не си ги знаеа имињата меѓусебе. Второто место е реална слика на моменталната ситуација, иако, секогаш може подобро.

КОНЗУЛИ.МК: Како течеа подготовките на полусезоната и што значат пријателските натпревари за тимот?

ИЛИОСКИ: Како Управен одбор целта ни беше да имаме одмор за празниците, но во полусезоната да влеземе максимално подготвени. 2025та година ја почнавме фуриозно. Благодарение на Мариели Битола, започнавме со high intensity тренинзи со сертифициран тренер за подобра физичка подготвеност како и дополнителни кондициони тренинзи. Кошаркарски и технички тренинзи имаме 3 пати неделно. Споредено со лани, го зголемивме интензитетот на тренингот како и времетрањето. Секако тоа си доаѓа од самата наша подготвеност, односно можам да констатирам дека на почетокот на сезоната бевме на 30% од сегашната физичка подготвеност. За време на зимската пауза, изигравме пријателски натпревар против КК Хереклеа и ГКК Охрид, со цел темпирање на формата. Двете екипи се сериозни колективи, со професионален и искустен тренерски кадар. Би сакал да потенцирам дека ГКК Охрид беа феноменални домаќини и бевме пречекани како прволигашка екипа. Иако моментално се натпреваруваат во втора лига, целиот настан беше за почит. Како УО и нашите поискусни играчи, натпреварот го оценија како позитивно искуство и дека нашиот тим е на добар пат за втората полусезона.

КОНЗУЛИ.МК: Кои се вашите очекувања за продолжението на сезоната?

ИЛИОСКИ: Идејата за формирање на КК Конзлули беше пред се забава и дружба. Апетитите се зголемија, кога ги согледавме нашите можности. Верувам дека втора лига е реална цел која си ја зададовме.

КОНЗУЛИ.МК: Како го гледате настапот на КК Конзули како дебитантски тим во македонската лига?

ИЛИОСКИ: Приказната за КК Конзули и самиот концелт стигна далеку во кошаркарските кругови. Се разбира воглавно коментарите се позивитни и наидовме на многу поддршка во кошаркрскиот свет. Со вести на gol.mk, кратки репортажи на локалните медиуми, како и ова интервју, неколку понуди за пријателски натпревари низ Македонија… Воглавно, убава приказна што се надевам така и ќе продолжи.

КОНЗУЛИ.МК: Како влијае тимската хемија врз досегашните резултати и кои чекори се преземаат за нејзино унапредување?

ИЛИОСКИ: Со гордост можам да потврдам дека ниеден спортски колектив во Македонија ја нема оваа хемија која ја имаме ние. Подеми и падови имало, но сеуште остана на високо ниво. Секој што не познава, во и надвор од спортските ешалони, баш ова и го потенцира. Како претседател заедно со УО секојдневно работиме на подобрување на кохезијата на тимот и ги следиме светските трендови. Со помош на Хотел Молика организиравме видео тренинг и тимска вечера. Заеднички ги прославивме сите празници, Нова година, коледе, василица,.. со сите адети кои идат со празниците. Еден настан кој морам да го потенцирам е соработката со Дримкаст продукција. Како што е пракса во НБА, организиравме ,,media day” односно фотосесија. Одлично искуство и огромна благодарност до Аце од Дримкаст.

КОНЗУЛИ.МК: Кои клубови ги сметате за најголеми конкуренти во борбата за високите позиции на табелата?

ИЛИОСКИ: Од нашата група како конкуренција го гледаме само градскиот ривал КК Хераклеа. Но, верувам дека на крајот на сезоната нашите планови ќе се остварат и плеј-офот ќе го поминиме без пораз.

КОНЗУЛИ.МК: Планирате ли да ангажирате нови играчи или тренерски кадар во текот на сезоната?

ИЛИОСКИ: Немаме размислувано за нови играчи. Иако до сега сме добиле понуди за неколку врвни играчи да се приклучат на екипата, мислам дека оваа сезона сме супер ростер и така ќе ја завршиме. Имавме и неколку понуди за трансфер на наши играчи во подобри екипи, но засега ростерот нема да претрпи измени. Пред да го формираме клубот, јас и потпретседателот поминавме обуки и добивме сертификати за тренери, издадени од КФМ. Тренерската улога на натпреварите ја превзедов јас и feedback-от е позитивен. Тренинзите ги водат нашите активни играчи. Двајца се дилопмирани професори по физичко, а имаме и играчи со големо кошаркарско искуство. Не функционираме како типичен тим, каде единствено на збор има право тренерот. Баш напротив, сите дискутираме, па ако мора да се носи одлука, таа одговорност ја превземам јас. Така да, и на тоа поле нема да имаме промени, бидејќи одлично функционираме.

КОНЗУЛИ.МК: Кој е вашиот заклучок за оваа полусезона и што би сакале да им порачате на нашите читатели?

ИЛИОСКИ: Би започнал малце битолски: во градот има многу убај муабети за целата КК Конзули приказна… така и ќе продолжиме. Огромна благодарност на екипата на порталот Конзули.мк за ова интервју и тоа што ја шират оваа добра приказна. Би им порачал на читателите да ги поддржуваат локалните клубови, да го сакаат спортот и градот.