Шибенка 78:85 КК Пелистер – Голема победа пред натпреварот против Домжале

Шибенка 78:85 КК Пелистер

(18:14,23:23,15:16,13:16)

Уште еден крајно неизвесен натпревар кој мораше да биде решен во продолженија одигра нашиот тим против тимот на Шибенка од Хрватска, но за разлика од предходната недела против Еуро Никел, Овој пат нашиот тим се радуваше на победа!

Во натпревар каде одново моравме во текот на целиот натпревар да бркаме резултат, на крајот на регуларниот дел имавме шанса за победа, но шутот за 3 на Knight во последната секунда сепак не заврши во кошот.

Натпреварот го отворивме со тројка на Планиниќ, се играше кош за кош се до петтата минута при водство од 14:9 за нашиот тим кога Шибенка направи серија од 16:0 за водство од 25:14 и во остатокот од натпреварот се до крајот Пелистер, како и на мечот со Еуро Никел мораше да брка приклучок се до последната четвртина, каде што во послдените минути Пелистер успеа и да го преземе водството, но не и да го затвори овој натпревар, главно поради грешките во преносот на топка и на 2+1 фаулите во нашиот рекет.

Во продолжението се влезе со резултат 69:69 и одново нашиот тим мораше да брка водство. Интересно дури во третата минута од продолжението Пелистерци го промашија своето прво слободно фрлање, до тој момент беа перфектни 20/20. На 90 секунди до крајот Костоски преку pick and roll  акција со Knight успеа да погоди за 3 и Пелистер да се одлепи на +4.

Искуството сепак го реши овој меч, младите играчи на Шибенка немаа сила да го затворат натпреварот и покрај водството што го имаа во најголемиот дел од натпреварот.

Исклучително тешка, но значајна победа пред натпреварот во петок против Домжале.

Повторно стартерите се тие што го понесоа целиот товар, уште една маестрална партија на Јуре Планиниќ со 26 поени и 14 скокови. Мијовиќ исто така одличен со 23 поени и 11 асистенции. Двајцата со исклучително важни поени на крајот од натпреварот. Кnight од клупата запиша 3 поени, но изигра добро во последните моменти од регуларниот дел и од продолжението со скокови во одбрана и асистенции.

Сепак останува впечатокот дека мора подобра игра на играчите за ротација.