Бранислав Ангеловски: Подготвени за предизвикот со ПИК Сегед во Лигата на шампионите

Изјава на тренер на Еурофарм Пелистер, Бранислав Ангеловски за новиот предизвик ПИК Сегед.

-После добро одработените натпревари во домашното првенство, доаѓаме во една друга реалност. Нашата екипа е конструирана за Лигата на шампионите и ни следи уште еден тежок натпревар. Можеме да бидеме задоволни со добрите игри, но не можеме да бидеме среќни, затоа што резултатите изостануваат. Се надевасм дека со добра игра ќе дојде и тој посакуван резултат и таа победа во Лигата на шампионите. Одработивме добро и спремни сме за двомечот со ПИК Сегед. Знаеме дека гостуваме на тежок терен и пред жешка атмосфера. Но, за тоа ќе добијат реванш во нашиот храм, пред нашите верни навивачи.

-Ги знаеме нивните силни страни и ќе се обидеме да ја затвориме нивната транзиција и играта преку кружниот напаѓач. Имаме една дилема, а тоа е играњето на Цветан Кузманоски, кој веројатно ќе го пропушти овој натпревар. Многу работи не се сменија со заминувањето на Пастор. Не треба да не залажува поразот од Веспрем, напротив, тоа треба да ни биде порака дека ќе играме со „ранет лав“. Бомбач е „моторот“ на тимот, словенечката линија и Степанчиќ се моќно оружје, но тука се и унгарските ракометари и Калараш. Знаеме дека може да играат „седум на шест“, можат да се трансформираат во одбрана од 6-0, во 5-1, но ќе бидеме спремни на сите нивни решенија.

-Сигурно дека Богдан Радивојевиќ ми помагаше, се консултиравме, но јас сите овие години го следев Пастор, затоа што ми е еден од омилените тренери. Нивната игра не е многу променета, новиот тренер не донесе многу новини, па нашата најдобра страна на овие два натпревари би било ако бидеме сплотени. Не смееме да се предаваме, и против Киелце имавме слабо отворање, па се вративме. Имавме одлични натпревари и во Париз и во Загреб, но паѓавме во завршницата. Посакуваме добра игра која ќе ни даде мотив во Битола да бидеме уште подобри и да извојуваме победа.