Метаболизам – толку комплексен поим, а луѓето ги интересира само едно, како да го забрзаат

Автор за Конзули.мк: Марковска Тина

Честопати го слушаме поимот метаболизам, како и ,,брз метаболизам“ или ,,бавен метаболизам“, но малкумина ја разбираат нивната суштина, па не ретко луѓето мислат дека е тоа работата на цревата одноcно фреквентноста на празнење на дебелото црево.

Да разјасниме метаболизмот е збир од голем број процеси за претоврање на калориите од храната во енергија, која потоа се користи или е неопходна за одвивање на сите физиолошки процеси во телото. Метаболизмот е насочен кон максимално, односно оптимално располагање со внесените калории (енергија). Така, телото ќе потроши точно толку колку што му треба во денот, а вишокот ќе го складира. Значи калориите освен што се трошат, телото може и да ги складира – во резервен шеќер и масно ткиво.

Метаболизмот претставува сложен процес (од повеќе биохемиски процеси) кои соодветно ја трансформираат енергијата добиена од храната, со цел да се задоволат одредени потреби за нормално одвивање на сите животни функции.

Брзината  на одвивањето на биохемиските метаболички процеси во организмот воглавно е регулирана од тироидниот хормон Т3 (тријодотиронин). И во зависност од генетиката т.е. колку овој хормон се продуцира кај човекот, постојат три типа на човечки тела и тоа:

  • Ектоморф (ectomorph) – Тип на човечко тело кое се карактеризира со брз метаболизам.
  • Мезоморф (mesomorph) – Тип на човечко тело кое се карактеризира со нормален/идеален метаболизам.
  • Ендоморф (endomorph) – Тип на човечко тело кое се карактеризира со бавен метаболизам.

Битно е да се знае дека фреквенцијата (брзината) на метаболизмот индиректно влијае врз ,,дефинираноста“ – надворешниот изглед на телото! Затоа и некои луѓе имаат поголема тенденција кон дебелеење, додека некои повеќе кон слабеење.  

Многумина мислат дека трошењето калории во најголема мера доаѓа од физичката активност. Сепак, вистината е дека поголемиот дел од калориите во денот се трошат за метаболитичките потреби на организмот кои не се директно поврзани со физичката активност. Потрошувачката на калориите ке зависи од повеќе фактори.

Што е  базална метаболичка стапка (БМР)

Вашата базална метаболичка стапка (BMR) е бројот на калории што ги согорувате додека вашето тело врши основна (базална) функција за одржување на животот. Најчесто се нарекува и како стапка на метаболизам во мирување (RMR), што е калориите согорени ако сте цел ден во кревет. Постојат калкулатори (на интернет) со кои можете да ја одредите вашата базална метаболичка стапка за кои се потребни висина, тежина и возраст (Висина и тежина – Што е индивидуата поголема, толку и потребите од енергија за виталните функции ќе бидат поголеми. Возраст – Помладите индивидуи имаат поголем BMR, особено во периодот на растење. Со текот на годините, масното ткиво се зголемува, мускулното опаѓа, a oпаѓа и BMR.) Според неа можете да го одредите вашиот потребен дневен внес на калории, и суфицит или дефицит ако ви се потребни.

Освен овие основни податоци многу битни фактори тука се и:

  • Композиција на телото – Мускулната маса е метаболитички поактивна од масното ткиво, што значи дека за одржување на 100 грама мусклуно ткиво ќе бидат потребни повеќе калории отколку за одржување на истата количина масно ткиво.
  • Хормонски статус – BMR зависи и од хормонскиот баланс, особено на тироидните хормони.
  • Здравстевна состојба – Потребите на телото за енергија растат ако се соочуваме со некаква инфекција или некакви повреди.
  • Типот на калории кои ги внесуваме преку храната ( дали се тоа калории од протеини, јагленохидрати масти, колку влакна внесуваме и на кој начин е обработена храната што ја конзумираме)

Аеробниот тренинг или ,,кардиото” троши калории  но нема никаква врска со забрзувањето на вашиот метаболизам. Она што има врска со брзината на вашиот метаболизам се мускулите.

Изградете мускули: Мускулите се како печка за согорување калории. Според клиниката „Мајо“, колку повеќе мускули имате, толку повеќе калории согорувате, дури и во мирување. Кревањето тегови и тренинзите со отпор ќе направат повеќе за вашето тело и метаболизам отколку која било опција што гледате дека се продава на интернет за брзо решение.

Останете хидрирани: Одржувањето добра хидратација му помага на вашето тело поефикасно да ги обработува калориите, а дури и мала дехидрација може да го забави вашиот метаболизам. Водата е неопходна за различни метаболички процеси, вклучувајќи ги и разградувањето на храната и транспортирањето на хранливите материи низ вашето тело. Дури и мала дехидрација може да се меша со овие процеси и да го забави вашиот метаболизам, потенцијално да го отежне ефикасното согорување на калориите. Стремете се кон најмалку осум до десет чаши вода дневно за поддршка на вашиот метаболизам.

Управувајте со стресот: Студија од 2017 година покажа дека хроничниот стрес може да предизвика ослободување хормони што водат до зголемување на телесната тежина. Техники како што се медитација, јога или вежби за длабоко дишење можат да помогнат за намалување на стресот и поддршка на вашето метаболичко здравје. Кога сте под стрес, тоа доведува до повисоки нивоа на кортизол, што може да ве натера да копнеете повеќе за вкусна храна. Тоа е храна богата со натриум, масти и јаглехидрати.

Немојте да гладувате.  

За да се изгубат масти мора да се јаде (спротивно на општото размислување). Никако изгладнување!
Човечкото тело е дизајнирано за ОПСТАНОК и дел од неговите механизми за опстанување вклучуваат депонирање на масни наслаги како резерви во евентуалните моменти на глад.

Значи, доколку се навикнете на ,,нејадење” или пак јадење на мали количини на калории дневно, вашето тело ќе помисли дека се наоѓате во ситуација на гладување и ќе ги активира системите за одбрана (опстанок) со максимално успорување на метаболизмот. Тоа само се обидува да сочува енергија (која се мери во калории) затоа што добива многу малку хранливи материи. Вашиот метаболизам ја детерминира брзината на согорување на калории, па доколку имате брз метаболизам ќе согорувате повеќе калории со помал напор, но доколку имате спор метаболизам, согорувањето на калории ќе стане проблем, особено калориите од масти.

Вашето тело СЕКОГАШ ќе го успорува метаболизмот како одговор на постојаниот низок внес на калории.

Според истражувањата, бројот на возрасни Американци што се метаболички здрави е исклучително низок, дури и кај луѓето со нормална тежина. Иако сечиј метаболизам е уникатен, добрата вест е дека постојат начини да го зајакнете метаболизмот и природно да ги изгубите мастите, без потреба од екстремни диети.

Тежинскиот тренинг е есенцијален за градење или задржување на мускулната маса.

Ако се обидувате да стопите масти без тежински тренинг или константно правење кардио тренинзи  со сигурност ќе изгубите мускулна маса и има голема можност вашиот метаболизам да се успори. Во превод – поспор метаболизам, помалце трошење на калории и масти преку денот.

Составете тренинг програма со вежби и движења кои се основни, користејќи тежини кои ќе ви бидат предизвикувачки секој тренинг.  

За секој половина килограм мускул што ќе додадете, вашето тело троши околу 50 калории повеќе; од другата страна, половина килограм сало не прави ништо, освен негативно влијание на изглед и здравје.  

Веројатно ја сфаќате поентата, со тоа што ќе додадете 1,5 килограм мускул, вашето тело ќе троши 150 калории повеќе на ден, а со тоа ќе изгубите 7 килограми масти за 1 година. Кој не би сакал да стопи 7 килограми масти со тоа што ќе додаде 1,5 килограми мускул.

02.02.2024 Битола